„Луѓе, имаме држава!“
Ова е пораката со која новинарот Горан Михајловски сака да ја одбележи 35-годишнината од независноста на Македонија. Наместо нови поделби, споредби со минатото и политички пресметки, тој смета дека 8 Септември треба пред сè да биде ден за радост.
„Пред 35 години ние немавме независна држава. Значи, ние сега имаме држава. И ние сега треба да сме среќни и да се радуваме дека имаме држава“, вели Михајловски во отвореното студио на 4ТВ по повод 35 години независна Македонија.
Тој не ја идеализира државата што ја има денес. Напротив, вели дека секојдневно треба да се зборува за корупцијата, нечистотијата, нефункционалноста и сите проблеми со кои граѓаните се соочуваат.
Но, критиката, според него, не треба да ја поништи суштината на празникот.
„Сами сме си криви за многу работи“, вели тој, додавајќи дека токму затоа граѓаните треба да имаат одговорност кон сопствената држава.
За него, државноста не е само знаме, химна и празнична прослава. Таа е и секојдневно однесување.
„Плаќам даноци, врзувам појас, почитувам пропис, не фрлам ѓубре. Треба да се плати казна – си плаќам казна. Јас се однесувам како да имам држава“, рече тој.
Михајловски е еден од новинарите кои ја следеле државата од самите почетоци. Го памети ентузијазмот од 1991 година, стравот од можен конфликт, распадот на Југославија, меѓународните преговори и борбата за меѓународно признавање.
Но, по 35 години, најмногу му останала една едноставна мисла.
„Нашите предци немале сопствена држава. Ние имаме држава. Нашата генерација има сопствена држава“, вели тој
Затоа, според него, 8 Септември треба да биде празник на граѓаните, а не уште еден ден за политички расправи.
„Дајте да се радуваме, дајте да си излеземе на концерти. Одутре ќе почнеме да се караме кој каде бил, кој каква јахта имал, кој бил талок, кој не бил талок. Ништо тоа, сè заборавајте. Луѓе, имаме држава“, порача Михајловски.
Иако триесет и пет години по независноста сè уште гледа многу работи кои треба да се променат, Михајловски вели дека е среќен што припаѓа на генерацијата која била сведок, но и учесник во создавањето на македонската држава.
„Јас сум среќен бидејќи сум дел од таа генерација што ја направила оваа држава“, додаде Михајловски.
По повод големиот јубилеј – 35 години од македонската независност, 4TV подготвува специјално празнично издание. Гледајте го отвореното студио денеска, со почеток во 19:00 часот во живо.