Откако Инстаграм ги избриша нејзините провокативни фотографии поради кршење на правилата, Мадона објави цензурирана верзија на нејзините експлицитни фотографии, но со остра објава до компанијата Фејсбук, која е сопственик на Инстаграм.
Сега следеше нивниот одговор.
Поп иконата ги цензурираше проблематичните делови со емотикон, а во својот подолг статус политиката на платформата ја нарече сексистичка.
„Сè уште сум изненадена од фактот дека живееме во култура која дозволува да се покаже секоја педа од телото на жената, освен брадавицата. Како тоа да е единствениот дел од женската анатомија што може да се сексуализира. Брадавица која храни бебе! Зарем машката брадавица не може да се доживее како еротска?! А што е со женскиот задник кој никогаш никаде не бил цензуриран“, напиша Мадона, додавајќи дека четири децении се бори против цензурата, сексизмот, возрасната дискриминација и мизогинијата.
Портпаролката на Мета (поранешен Фејсбук), сопственик на Инстаграм, во изјава изјави дека правилата за сите на Инстаграм се исти.
„Ја отстранивме објавата на Мадона за кршење на нашите правила против голотијата на возрасните. Разбираме дека не секој секогаш ќе се согласува со нашето мислење за тоа каде ја повлекуваме линијата, но нашите правила се дизајнирани да им помогнат на луѓето од сите возрасти да се чувствуваат безбедно додека ги користат нашите апликации. Истовремено, оставаме што е можно повеќе простор за изразување“, рече таа.
Таа додаде дека во меѓувреме се смениле правилата на компанијата во однос на голотијата. Компанијата дозволува голотија во одредени ситуации, вклучително и доење, протести, уметнички дела и скулптури и голотија во едукативен и здравствен контекст, рече таа.
ПР тимот на Мадона се уште не се огласил за оваа објава.
