Венецуелскиот лидер Николас Мадуро веќе се наоѓа во притвор во Бруклин, Њујорк, по драматичната и „молневита“ воена акција на САД во срцето на Каракас. Додека Мадуро чека утрешно изведување пред суд за „нарко-тероризам“, Доналд Трамп излезе со шокантна најава: САД привремено ќе ја преземат управата над Венецуела и контролата врз најголемите нафтени резерви во светот.
Операцијата, која се подготвувала со месеци со помош на „крт“ на ЦИА во самата венецуелска влада, заврши без американски жртви, но отвори огромна геополитичка криза.
Од Каракас до Бруклин: Хронологија на екстрадицијата
Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, биле извлечени од Каракас среде ноќ, откако американските сили ја исклучиле струјата во дел од градот и извршиле напади врз воени објекти. Транспортот се одвивал филмски:
- Прво биле префрлени со брод, а потоа со авион до САД.
- Авионот слетал во близина на Њујорк во саботата навечер.
- Со хеликоптер биле пренесени до градот, а потоа со силно обезбеден конвој спроведени до притворот во Бруклин.
Утре, Мадуро ќе се соочи со федерален судија во Менхетн.
Трамп: „Венецуела е слободна, нафтените компании се враќаат“
На прес-конференција во Флорида, Трамп не криеше дека планот надминува само апсење на еден човек. Тој најави директна американска управа.
„Ќе ја водиме земјата сè додека не направиме безбедна, правилна и разумна транзиција. Ако биде потребно, САД ќе изведат втор, многу поголем напад врз Венецуела“, се закани Трамп.
Клучниот дел од планот е енергетскиот сектор. Трамп најави враќање на големите американски нафтени компании за да ја обноват деградираната инфраструктура и да ги експлоатираат резервите, процес што според експертите ќе трае со години.
Контра-удар во Каракас: Делси Родригес е новиот „претседател“
Додека Мадуро е во ќелија во Њујорк, власта во Каракас не се предава. Врховниот суд на Венецуела експресно ја прогласи досегашната потпретседателка, Делси Родригес, за привремена претседателка на државата, со што се создава паралелизам – американска управа наспроти наследничката на Мадуро.
Реакции: Демократите и правниците во шок
Акцијата предизвика поделени реакции во САД:
- Правни експерти: Ја доведуваат во прашање легалноста на воената операција за киднапирање на странски лидер.
- Демократите: Тврдат дека биле заведени на брифинзите во Конгресот и бараат итен план „што понатаму“, стравувајќи од долгорочна окупација.

