Мајка сама ги израснала децата, немаат пари за кирија, ги демнее опасност да останат без кров над глава

„Многу е тешко мајка да има деца, а да нема куќа. Кој има деца и е во ваква состојба знае како е. Многу се изнамачија. Јас имам веќе 60 години, за мене живот нема. Веќе 15 години скитам од врата на врата“, рече мајката Нермин Весели.

Лицето на мајка Нермин е доказ за страдањето низ годините. Не може да ги задржи солзите, секогаш кога ќе се присети на минатото. Нејзиниот сопруг починал пред 18 години, а таа со две деца останала без покрив над глава.

„Веќе 15 години одам од врата на врата. Но, на децата не им кажав ништо, им велам дека ќе биде подобро. Дај Боже некој да ни помогне.“, Нермин Весели.

По смртта на таткото, целиот товар го презел Вехап. На 12 години, поради тешката финансиска состојба, почнал да се занимава со физичка работа само за да им донесе јадење на мајката и сестра му. Тој сега на 29 години бара работа, но како што вели, не успева секогаш да најде.

„Имав 12 години кога излегов на пазар да барам работа. Дури и кога беше жив тато, јас излегував на пазар. Потоа татко ми почина. Бевме принудени да излеземе под кирија. На пазар излегувам рано, но еден ден ќе најдам работа, потоа една недела не. Не знам што да кажам, кога немам пари, не ми се влегува дома. Децата бараат. Ќерката оди на училиште, бара, но ѝ велам ајде утре, па потоа, ајде задутре“, рече синот Вехап Весели

Парите што ги заработува ги дава за кирија, која месечно чини 150 евра. Пред да се вселат тука, Вехап вели дека во друг стан, 6 месеци живееле без електрична енергија. Како што наближуваат зимските денови, успеале киријата да ја платат само за два месеци и тоа со помош на хуманите луѓе. Греење имаат, но не го пуштаат бидејќи како што велат, потоа ќе немаат пари за да ја платат сметката за струја. Фрижидер немаат, а храната со која располагаат за денеска е во оваа чинија. Семејството бара помош од сите кои имаат можност да им излезат пресрет, за барем малку да им го олеснат секојдневието. Мајката Нермин има само една желба:

„Да не скитаат веќе. Доволно скитав јас. Синот да има своја куќа. Не сакам ништо повеќе. Не излегов од ќеиф, туку маката ме натера да излезам и да барам помош“, додаде Нермин Весели.

Репортер: Африм Јонузи