Во тешка сообраќајна несреќа што се случи во ноќта кон неделата во швајцарскиот град Шлиерен, загина 39-годишен маж. Бегалката – сопатничка, која по несреќата исчезнала од местото на настанот, во меѓувреме е уапсена.
Инцидентот се случил во саботата околу 23:30 часот, кога 39-годишен државјанин на Македонија, управувајќи BMW со повеќе од 500 коњски сили, изгубил контрола врз возилото. Тој се движел од улицата Engstringerstrasse кон Grabenstrasse и по помината десна кривина возилото излетало од коловозот.
Моќниот SUV удрил во столб за улично осветлување, потоа закачил дрво и на крајот фронтално се забил во фасада од куќа. Сопатникот, исто така 39-годишен Македонец, бил тешко повреден и итно пренесен во болница, каде во неделата попладне им подлегнал на повредите.
Возачот по несреќата накратко избегал, но подоцна сам се пријавил во полиција.
Во возилото имало и друга сопатничка – 24-годишна државјанка на Македонија, која избегала од местото на настанот, но била уапсена во неделата вечерта по спроведената истрага, соопшти Кантонотската полиција на Цирих.
По сослушувањето од страна на Обвинителството, таа е пуштена од притвор, но постапката против неа продолжува. Возачот, пак, е спроведен во истражен притвор по налог на судот.
Истражните органи – Кантонотската полиција на Цирих и Обвинителството Лиматал/Албис – продолжуваат да ја утврдуваат точната причина за несреќата.
Полицијата бара сведоци
Сите лица кои имаат информации за несреќата или за начинот на возење на возачот пред судирот се повикуваат да се јават во Кантонотската полиција на Цирих на телефонскиот број 058 648 48 48.