Македонија денеска го одбележува националниот празник Илинден, симбол на двата најзначајни настана во македонската историја – 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, темелите на современата македонска државност.
Централната прослава традиционално ќе се одржи во Крушево. Одбележувањето ќе започне со положување цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, како и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе биде одржана панихида во храмот „Св. Никола“.
Потоа ќе следува народен собир на „Мечкин Камен“, каде ќе биде положено свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република, ќе биде интонирана државната химна, а пред присутните ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Во рамки на свеченоста е предвидена и културно-уметничка програма со настап на Националната установа „Танец“.
Во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченоста пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, на плоштадот „Македонија“. Таа ќе положи цвеќе и пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто.
Одбележувањето на 82-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе продолжи во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде е предвидено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
Традиционално, на 2 Август во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново ќе се одржи 55. Светска македонска иселеничка средба и 46. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Илинденското востание започнало на 2 август 1903 година, кога камбаните во Крушево го означиле почетокот на борбата против Османлиската Империја. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а два дена подоцна Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Републиката опстојувала десет дена, по што била задушена од бројната османлиска војска под команда на Бахтијар-паша. Последните борби на Мечкин Камен и херојската смрт на војводата Питу Гули го означиле крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ било одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). На заседанието, на кое присуствувале 115 делегати, била потврдена државноста на Македонија како рамноправна федерална единица во тогашна Демократска Федеративна Југославија.
Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, а за претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран Методија Андонов-Ченто.
Меѓу најзначајните документи усвоени на Првото заседание на АСНОМ се Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце е изграден во 2004 година, по повод 60-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, како реплика на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде историски било одржано заседанието.