Сè уште нема официјална потврда дека во четврток ќе се одржи билатерална средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова. Иако средбата се најавува како можност за разговор меѓу двете страни, од македонското Министерство за надворешни работи досега нема добиено официјален одговор на барањето испратено уште во петокот.
Од бугарска страна засега стигнала само информација дека постои можност за билатерална средба на маргините на конференцијата за Коридорот 8 во Софија. Сепак, нема потврда дека разговорот е официјално договорен, ниту е утврден конкретен термин.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не очекува ништо од евентуалната средба, имајќи го предвид досегашното однесување на официјална Софија.
„Па, имајќи ја предвид мојата анализа, која што вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи, ќе бидам повторно дипломатски некоректен: имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог „пул а сајд“, ние така го викаме, на коњопој, и тоа отприлика да биде тоа“, рече Мицкоски.
И покрај тоа што средбата се најавува како можност за обновување на директниот дијалог меѓу Скопје и Софија, во пресрет на разговорот нема знаци за приближување на позициите.
Македонската страна останува на ставот дека е потребен дијалог, но и конкретни гаранции дека земјата нема повторно да се соочи со билатерални условувања во процесот на евроинтеграција.
Бугарија, пак, останува на позицијата дека обврските веќе се преземени во рамките на европскиот договор и дека следниот чекор е внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
Доколку дојде до средба, таа би била прв чекор кон обновување на директната комуникација меѓу двете земји, но засега останува неизвесно дали разговорот ќе донесе и конкретен резултат.