Македонија и Казахстан ремизираа 1:1 – Барди со мајсторски гол ја спаси репрезентацијата

Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Арената „Тодор Проески“ одигра нерешено 1:1 против Казахстан во натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026.

Иако гостите од Казахстан ја имаа поголемата контрола над топката во првото полувреме, македонските фудбалери создадоа повеќе шанси за погодок. Првата вистинска можност ја имаа гостите преку Чесноков, кој во 10. минута биеше над голот на Димитриевски. Во 24. минута следеше серија обиди на нашите – Милан Ристовски прв се закани по нафрлување на Алиоски, а потоа во краток интервал од неколку минути Македонија имаше три шанси по ред, но без реализација.

Голманот на Казахстан, Мухамејан Сеисен, беше јунак на првиот дел, бранејќи неколку удари на Ристовски, вклучително и два последователни по корнери во 34. и 36. минута.

На стартот од вториот дел, Ристовски повторно се обиде, но Сеисен уште еднаш беше на висина на задачата. Казната стигна во 54. минута, кога по грешка во нашата одбрана, Караман од Казахстан погоди за водство од 0:1.

Македонија возврати со силен притисок, а израмнувањето стигна во 74. минута – капитенот Енис Барди со прекрасно изведен слободен удар од околу 28 метри ја затресе мрежата за 1:1 и донесе ерупција на радост на трибините.

Во последните минути од мечот нашите имаа тотална иницијатива, а најдобрата шанса ја имаше Серафимов во 90+5 минута, но неговиот удар заврши крај голот.

Во другиот меч од групата, Белгија славеше како гостин над Велс со 4:2 и се искачи на првото место со 14 бодови. Македонија останува со 13 бодови, Велс има 10, Казахстан 7, а Лихтенштајн сè уште е без бод.

Следниот и воедно последен натпревар од квалификациите нашата репрезентација ќе го одигра на 18 ноември во Кардиф против Велс, во директна борба за пласман во следната фаза.