Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација денеска во СЦ „Борис Трајковски“ со 92:68 триумфираше над Бугарија.
Се работи за клучен натпревар за пласман во финалето на Европското првенство – Диверзија Б во Скопје, како и влез во елитната А дивизија.
Капитенот Јаничиќ отвори со десет поени (две тројки без промашување), најави ново одлично офанзивно издание на нашиот јуниорски национален тим. По тројката и уште една реализација кои дојдоа од Марјановиќ, во деветтата минута, Македонија поведе со (24:15). Но тука не беше крајот на серијата на поентирање, дојде редот и на Ќириловски, кој донесе двоцифрено водство (26:15) во последната минута од првата четвртина.
Но последните пет поени во овој дел од играта ги дадоа јуниорите на Бугарија, за намалување на нашата предност (26:20).
Одлично почнаа и во вториот дел од играта кога со шест поени по ред (четири на Трајанов), ја вратија двоцифрената позитива (32:20).
Во средишниот дел од четвртината гостите уште еднаш ја сведоа негативата на едноцифрена, откако намалија на (27:35). Но Луканоски, откако се врати на теренот, го одби тој напад. И со четири поени по ред ја врати нашата селекција напред, на (39:28).
Тоа беше само вовед во уште подобар финиш во кој обезбедија водство од 15.поени (53:38).
Во исто темпо продолжија нашите млади кошаркари и по големиот одмор, односно во нецели 90 секунди, се одвоија и на највисоки (59:40).
Висока позитива имаше и во наредните шест, а веќе во 28.минута, Македонија водеше со (69:55).
Противникот имаше добри две минути во кои со серија од (7-0), ја намали предноста на (69:62), но кога беше најпотребно одговорија, и тоа како, со контра-серија од (10-0) со која сериозно се одвоија, сега на (79:62), и се доближија до големото финале, и пласманот во „А“ Дивизијата.
Стартен центар, Луканоски реализира уште еден дабл-дабл ефект. На 20.поени придодаде и 16.скока, Јаничиќ застана на 17.поени (пет два скока и две асистенции), Марјановиќ дојде до 12.поени (пет асистенции и два скока).
Македонија е во големото финале на шампионатот во Скопје. Утре вечер, го чекаме подобриот во вториот полуфинален дуел во кој се среќавааат селекциите на Австрија и на Полска.
