Британските медиуми објавија дека сперма од донатор со генетска мутација која значително го зголемува ризикот од развој на рак била користена за зачнување на речиси 200 деца во повеќе европски земји, вклучувајќи ја и Србија и Северна Македонија.
Донаторот, кој не бил свесен дека носи мутација што драматично го зголемува ризикот од малигни заболувања, станал татко на најмалку 197 деца во текот на 17 години. Дел од децата веќе починале, а кај оние што ја наследиле мутацијата, постои висок ризик од развој на рак во текот на животот.
Станува збор за сперма дистрибуирана преку Данската Европска банка за сперма, која изрази сочувство до погодените семејства и потврди дека материјалот бил користен во повеќе држави. Донаторот започнал да донира сперма во 2005 година додека бил студент, а материјалот бил користен за импрегнирање жени до 2022 година.
Истрагата ја спровеле 14 медиумски и јавни сервиси, вклучувајќи Би-Би-Си, во рамки на Мрежата за истражувачко новинарство на Европската радиодифузна унија. Објавена е и мапа на земјите каде што била дистрибуирана спермата: Србија, Северна Македонија, Ирска, Исланд, Шпанија, Грузија, Грција, Германија, Албанија и Унгарија.
Овој случај потсетува на сличен скандал од мај годинава, кога беше откриено дека 67 деца биле зачнати со сперма од донатор носител на ретка мутација на генот TP53, поврзана со синдромот Ли-Фраумени. Десет од тие деца развиле различни форми на рак, а подоцна е утврдено дека вкупно 23 деца ја наследиле мутацијата, меѓу кои случаи на леукемија и Хоџкинова болест. Во времето на донацијата, мутацијата не можела да се открие со тогашните стандарди за тестирање.
Според неофицијални информации од Србија за „Блиц“, земјата нема активен договор со Европската банка за сперма „Данко“, иако таков договор бил планиран и прелиминарно потпишан, но неговата реализација подолго време била одложувана.