„Ви честитам, слободна, суверена и самостојна Македонија“
Со овие зборови на 8 септември пред 29 години, првиот македонски претседател Киро Глигоров, им ја честиташе на граѓаните независноста на Македонија. Референдумот на кој излегоа повеќе од 75% од жителите се покажа како особено успешен, бидејќи за суверена и независна Македонија гласале 96 отсто од излезените гласачи.
Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски, во својата честитка потенцира дека императив е следните години да живееме многу подобро од сега, додавајќи дека патот по кој сега чекориме не е лесен.
„Демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа. Оваа година беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на Ковид-19. Криза која ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца“, истакна Стево Пендаровски.
Во честитката пак претходникот на Пендаровски вели дека секое големо достигнување, пред да се оствари, е само сон.
„Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци“, посочи Ѓорѓе Иванов.
Заедно како семејство треба да се справуваме и да растеме со сите предизвици и кризи, а 8 Септември е најзначајниот ден за раст и развој на нашата држава, вели во честитката собранискиот претседател Талат Џафери.
„Заедно, растеме, се справуваме секојдневно со секакви предизвици, ситуации, кризи од секаква природа, и тоа го правиме заедно, како семејство затоа што тоа е најдобриот начин, така сме најсилни, и така сме непобедливи. Ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството, па дури ни пандемијата на КОВИД – 19 која надвиснала над целата Земјина топка и ги става на тест здравствените и економските системи на државите“, изјави Талат Џафери.
Во името на САД и американскиот народ, честитка испрати и државниот секретар Мајк Помпео.
„Неодамнешните парламентарни избори во Северна Македонија беа мирни и успешни во невидени околности и ние го пофалуваме вашето залагање за демократски идеали, транспарентност и засилено владеење на правото. Вашите достигнувања ќе помогнат во обликувањето на идната насока на регионот на Западен Балкан. Додека славите, им посакувам безбедност и здравје на сите луѓе во Северна Македонија додека работиме заедно за да ги надминеме предизвиците поставени од пандемијата КОВИД-19. Соединетите држави стојат покрај Северна Македонија како цврст сојузник“, додаде Мајк Помпео.
На референдумот во 1991 масовен бил одзивот и на Македонците во дијаспората, во САД, Канада и во Австралија каде што гласањето било извршено предвреме, а на повеќе места било констатирано дека сите гласачи се изјасниле позитивно. Во деновите пред Референдумот беа упатени повици до сите политички лидери и до граѓаните да одат да го дадат својот глас. Повикот бил прифатен од сите, освен од партиите од албанскиот блок кои повикале на бојкот, тврдејќи дека Албанците се обесправен народ.
.
