Македонија со „тројка“ од Брисел – Црна Гора најдобар ученик, ЕУ извештајот повторно без пофалби за реформите

Црна Гора повторно го задржа статусот на „најнапреден ученик“ во процесот на проширување на Европската унија, добивајќи највисока оцена во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати. Според документот, земјата би можела да стане следната членка на Унијата веќе во 2027 година.

Албанија е оценета со „шест минус“, Молдавија со „пет плус“, а Украина доби стабилна „петка“ за спроведените реформи и напредокот во усогласувањето со европските стандарди.

Македонија, пак, доби „тројка“ – оценка која покажува ограничен напредок и задржување на истото ниво како минатата година. Според бриселскиот портал Политико, земјата е ставена во групата на држави кои „се задржани на час“, заедно со Србија и Босна и Херцеговина, кои добиле „двојка“.

Иако Македонија во 2019 година го постигна историскиот договор со Грција и го смени името, процесот на преговори со ЕУ останува блокиран поради нерешениот спор со Бугарија и барањето за уставни измени, односно вклучување на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.

Во извештајот, Европската комисија констатира одреден економски напредок и целосно усогласување со надворешната и одбранбената политика на Унијата, но генералната оценка останува непроменета – „без значителен напредок во споредба со минатата година“, пренесува Политико, повикувајќи се на извори од Брисел.

Турција и понатаму е опишана како „ученик кој бега од часови“, бидејќи нејзините преговори со ЕУ се замрзнати од 2018 година поради назадување во владеењето на правото и човековите права. Косово, кое сè уште не е официјален кандидат за членство, останува на маргините на процесот додека не биде признаено од сите земји-членки на Унијата.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска попладнево ќе го претстави пакетот извештаи пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, по што ќе следи расправа за резултатите и предизвиците на земјите кандидати.

Европската комисија во документот повторно ја потврдува својата подготвеност да го продолжи процесот на проширување и визијата за „обединета Европа“, но притоа укажува на пропустите и слабостите во спроведувањето на реформите кај повеќето држави од регионот.