„Македонија влегува во авторитаризам“: Филипче од Брисел бара европска помош и најавува „Фронт за демократија“

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, преку директно обраќање од Брисел, упати драматичен апел за заштита на демократските процеси во земјата. Реагирајќи на, како што ја нарече, „срамната Резолуција“ изгласана од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, тој оцени дека власта прави директен обид за замолчување на опозицијата и воведување режим.

Филипче најави дека за оваа состојба ќе побара поддршка од сите прогресивни сили во Европа, предупредувајќи дека потегот на Собранието е удар врз слободата на говорот и политичкото дејствување.

„Власта сака еднопартиска држава“

Лидерот на социјалдемократите беше дециден дека носењето на, според него, неуставна резолуција насочена против опозицијата, означува крај на демократијата.

„Кога парламент носи неуставна резолуција против опозицијата, тогаш државата престанува да биде демократска и влегува во авторитаризам. Во режим. Власта сака да ја замолчи и да ја забрани работата на опозицијата, да создаде еднопартиска држава и да ја згасне слободата на говор“, истакна Филипче.

Мобилизација на европските партнери

Од срцето на Европската Унија, Филипче најави дипломатска офанзива. Тој истакна дека ќе побара конкретна поддршка за одбрана на демократијата од сестринските социјалистички и социјалдемократски партии, како и од сите демократски сили на континентот.

Повик за обединување во „Граѓански фронт“

Во своето обраќање, претседателот на СДСМ повика на масовно обединување, кое би ги надминало партиските рамки.

„Време е за формирање единствен граѓански фронт – фронт за правда, слобода и демократија. Фронт во кој сите, без разлика на партиска, етничка или идеолошка припадност, ќе застанеме како еден во одбрана на демократијата, слободата на говорот и мислењето, и во одбрана на Македонија“, порача Филипче.

СДСМ, според него, нема да дозволи гаснење на слободата и останува на браникот на европските вредности на државата.