Македонија во четврток ќе се „смести“ на зелената листа – на Кипар без ПЦР тест и без карантин

Македонија од четврток ќе биде преместена од портокаловата во зелената листа за патување на Кипар, а тоа значи дека македонските државјани ќе можат да патуваат на островот без никакви ограничувања, односно нема да им биде потребен ПЦР тест или карантин, информираше дописничката на МИА.

Преминувањето во првата категорија е согласно новата категоризација на земјите, односно „Процената на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19“, објавена вчера од страна на кипарското Министерството за здравство.

Земјите се поделени во три зони во зависност од епидемиолошката слика, а тоа се зелена, портокалова и црвена и за секоја од нив има посебни правила. Државите кои не се на ниту една од овие листи се во сива зона.

Во првата (зелена) категорија, односно „земји со ниска опасност”, нашата земја е заедно со уште 27 држави, односно Австрија, Бугарија, Германија, Естонија, Италија, Хрватска, Латвија, Литванија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шведска, Чешка, Монако, Ватикан, Швајцарија, Исланд, Норвешка, Австралија, Јордан, Израел, Канада, Нов Зеланд, Србија и Сингапур и за државјаните на овие земји, не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација.

Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е, 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.gov.cy/.

Од Министерството за здравство на Кипар потенцираат дека сите патници, без разлика на тоа од која држава доаѓаат може да бидат тестирани по случаен избор.

Новите одлуки стапуваат на сила на 22 јули 2021 година.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.