Македонија за малку до триумф, Велс израмни во последната секунда!

Македонската фудбалската репрезентација ремизираше (1-1) против Велс во вториот меч од квалификациите за СП 2026, прв на домашен терен. Многу емоции, оддадена почит за настраданите во трагедијата во Кочани. И таму горе на небото навиваа за Македонија. И падна подарок за Македонија, но Велс успеа да израмни во последната секунда.

Голема грешка на одбраната на Велс во 90-та минута – и Бојан Миовски тоа го искористи на најдобар можен начин! Излезе сам пред голманот Карл Дарлоу и ја затресе мрежата за водство на Македонија.

Остануваа уште две минути, доволно време за одбрана. Сите се повлековме, но токму тогаш Велс беше најопасен. Дејвид Брукс ја искористи последната можност и израмни на 1-1 во буквално последната секунда.

На крајот од овој мини-циклус, Македонија е на врвот на табелата со четири бода, исто колку и Велс, но со послаба гол-разлика. Белгија, главниот фаворит, сѐ уште не стартувала поради обврските во Лигата на нации.

Првото полувреме помина без поголеми возбудувања. Двете репрезентации тактички одиграа речиси перфектно – Велс нешто поофанзивен, но Македонија постави цврст бедем пред својот гол.

Во вториот дел, темпото се засили.

Во 65. минута, Дарко Чурлинов имаше одлична можност – силно биеше од десетина метри, но Дарлоу одбрани.

Шест минути подоцна, Велс возврати. Бренан Џонсон шутираше од 14 метри, но Висар Муслиу маестрално блокираше на самата гол-линија, спречувајќи сигурен погодок.

Македонија пропушти уште една огромна шанса во 81. минута. Барди создаде можност за Алиоски, кој нафрли остро во петерецот, но двајца наши фудбалери не успеаја да ја затресат мрежата со лизгачки старт.

Сепак, кога сите очекуваа крај, Македонија доби подарок – Миовски доби топка и како вистински голгетер не пропушти да ја претвори во водство.

Но, Велс не се предаде. Во последните мигови, Брукс ја испрати топката во нашата мрежа и донесе реми за својата репрезентација.

Во другите натпревари, Казахстан ја запиша првата победа, совладувајќи го Лихтенштајн на гости со 0-2. Стрелци беа Максим Самородов во 42. минута и Александр Марочкин во 45. минута.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното