Македонски кардиохирурзи во Франција: Се обучуваат за роботска хирургија со „Да Винчи“

Кардиохирурзите од ЈЗУ Клиника за кардиохирургија – Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили, престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција. Тие учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во современата кардиохирургија.

„Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница… организирана од Петерс“, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој појасни дека под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, тие се запознале со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија.

„Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури“, истакна Колев.

Тој додаде дека преку практични тренинг сесии, вежбале креирање на анастомози на реални модели со користење на најнови помошни хируршки апарати.

Докторот Колев особено го потенцира фактот дека кардиохирургијата, како една од поновите гранки на медицината, продолжува брзо да се развива и напредува.

„За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти“, наведува д-р Колев.