„Македонскиот CSI“: Дигитални детективи враќаат избришани податоци од телефони, дронови и компјутери

Во ерата кога речиси секој кривично-правен настан остава електронски траги, Лабораторијата за дигитална форензика станува клучен дел од истрагите. Овој оддел врши испитување на широк спектар компјутерска опрема и мобилни уреди кои содржат електронски доказен материјал.

Експертите од ОФИ применуваат методи за идентификација, преземање и анализа на докази зачувани во десктоп и лаптоп компјутери, хард дискови, УСБ-мемории и мемориски картички. Она што е особено значајно е што нивната експертиза се протега и на мобилни уреди, вклучувајќи СИМ-картички, мобилни телефони, таблети, ГПС-уреди, па дури и дронови.

Со помош на форензички алатки кои го чуваат интегритетот на податоците, лабораторијата може да анализира постоечки, но и да врати избришани податоци. Целта на овие анализи е да се пронајдат податоци клучни за истрагата, како што се датотеки креирани од корисникот, историја на интернет комуникација, остварени повици, испратени и примени пораки, како и локации на движење.

Покрај дигиталната, и Фото и видео лабораторијата користи современи алатки. Со специјализирани форензички софтвери, тие вршат подобрување на затемнети слики, корекција на контраст и корекција на заматеност на слика или видео. Овие техники овозможуваат и одредување на висина на лица или предмети од снимките , како и анализа на автентичност на фотографија.