Младите македонски информатичари Марко Кренков и Владимир Грчев постигнаа извонреден успех на 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24 до 30 октомври се одржа во Ларнака, Кипар. Кренков освои сребрен, а Грчев бронзен медал, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се вратија со олимписка пофалба.
Македонскиот тим го сочинуваа Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
„Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, заокружување на уште една успешна година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика“, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ). Со овие медали, македонските јуниори во 2025 година освоија два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници.
Членовите на тимот за ЈБОИ 2025 биле избрани преку целогодишен циклус на натпревари организирани од ЗИМ, годинава по 36-ти пат, преку платформата mendo.mk. Натпреварите се реализираат со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“ и неколку општествено одговорни компании: „Сорсикс“, „Семос Едукација“ и „Винчини“.
Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар за ученици до 15,5 години од земјите на Балканот, каде секоја држава учествува со тим од четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик-лидер, решавајќи алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 беше Република Кипар, а главен организатор Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. Во олимпијадата учествуваа 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.
„Во ваква силна конкуренција, сребрениот медал го освои Марко Кренков, а бронзениот – Владимир Грчев, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписка пофалба“, истакнуваат од ЗИМ.
Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, нагласи дека успехот на младите информатичари покажува континуитет на врвни достигнувања и потенцијал за идни меѓународни успеси. „Горди сме на нив не само поради освоените медали, туку и поради посветеноста и професионалниот настап. Подготовките за следната олимпијада започнуваат веднаш, со цел да се задржи високото ниво на резултати“, рече Јованов.
Следната, 19-та Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи во Сараево, Босна и Херцеговина.