Во првите шест месеци од годинава, вкупната вредност на е-трговијата изнесува 456 милиони евра, што е зголемување за 34,3% во споредба со истиот период лани, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).
Кон домашните е-продажни места биле реализирани трансакции во вредност од 255,1 милиони евра од домашни и странски корисници на платежни картички, со раст од 21,4%. Од нив, 231 милион евра се реализирани од македонски картички (раст од 19,7%), додека 24 милиони евра доаѓаат од странски картички, што е зголемување од 40,8%.
Истовремено, Македонците во странство направиле онлајн купувања во вредност од 201 милион евра, што претставува раст од 55,1% во однос на истиот период лани.
– Трендот на раст кај странските е-трговци е најмногу поврзан со појавата на платформата Тему, која за кусо време привлече голем број купувачи со ниски цени, широка понуда и бесплатна достава – изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков.
Вкупната вредност е резултат на 13,8 милиони извршени трансакции, што е пораст од 33,8%. Најголем скок се бележи кај плаќањата со домашни картички кон странски е-трговци, каде се реализирани 6,1 милион трансакции, односно 75% повеќе од лани.
Просечната вредност на трансакциите е 33,2 евра, речиси идентична со минатата година. Сепак, кај трансакциите кон странство просечната сума е намалена за 11,3%, што значи дека купувачите почесто прават поевтини, но почести нарачки.
Во првата половина од 2025 година се регистрирани и 120 нови онлајн продажни места, што укажува на растечка понуда и зголемен интерес кај бизнисите да се насочат кон е-просторот.
Читај и ова:
- 1.На 97 години е кандидат за советник во општина Битола
- 2.Наставник од основно училиште во Кисела Вода истепал ученик!
- 3.Над 410 л/кв.м дожд: Царево бара помош од војската, отвора сметка за донации за настраданите
- 4.Судот го одобри во целост обвинението за трагедијата во Пулс: Почнува патот кон судска разврска за 62 жртви
- 5.Се судриле со возилата во Прилеп па почнале да се расправаат – едниот возач извадил нож и го прободел другиот!