Македонците сакаат за продолжен викенд во Грција, но блокадите го отежнуваат патувањето – еве какви опции имаме…

Со приближувањето на продолжениот викенд, илјадници граѓани од Македонија се подготвуваат за патување кон Грција, особено кон Солун, кој веќе е украсен во новогодишно руво, а божиќниот базар привлече голем број посетители. Сепак, овие планови се соочуваат со пречки поради новиот бран блокади на грчките земјоделци.

Земјоделците од северна Грција повторно ги блокираа клучните гранични премини, меѓу кои и Евзони – Богородица, што директно ја засега Македонија и отежнува патувањето во период кога многумина сакаат краток одмор или викенд-шопинг. Изминативе денови сообраќајот на премините беше повремено прекинуван, а автомобили, камиони и патници мораа да бараат алтернативни рути или трпеливо да чекаат со часови.

Блокадите се дел од протестите на грчките земјоделци против доцнења и нередовности во исплатите на европските субвенции, а штрајкот има директни последици врз Македонија – не само за движењето на граѓаните, туку и за трговијата и транспортот на стоки.

Според најновите информации, преминот Евзони останува затворен во двата правци до понатамошно известување, а не е познато кога сообраќајот ќе се нормализира целосно. Во моментот се пропуштаат само итни случаи и камиони со кварлива стока.

Никана, преку својот Инстаграм-профил nikana.gr, кои постојано информираат за новости во Грција, соопштија дека патот кон Солун е прооден, но делови од автопатот кон Верии и делови кон Атину се блокирани.

Тие советуваат користење на алтернативни правци, помали премини и проверка на состојбата пред тргнување на пат.

  • граничните премини кај Дојран и Меџитлија се проодни за во Грција.
  • ако од Солун продолжувате кон Верија, тој дел е под блокада. Алтернативната рута можете да ја проверите на Google Maps.
  • полицијата во Грција ги пренасочува возилата таму каде што блокадите се повремени, но се препорачува дополнителна претпазливост.
  • за денес е најавена и блокада кон Неа Мудања, кај Неа Флогита, па патниците за Халкидики треба редовно да ја проверуваат проодноста. Можно е да се користи крајбрежната рута преку Неа Каликратија и Неа Флогита.
  • патниците кон Атина треба да знаат дека има блокади кај наплатната рампа во Солун и делот кај Лариса, па ќе мора да се користат алтернативни патишта.

Граѓаните кои планираат патување се советуваат да го проверуваат тековното состојба на граничните премини, да избегнуваат затворени премини и да остават повеќе време за патување за да го намалат стресот и загубите на време.