Адвокатот Тони Менкиноски изјави дека 246 Македонци кои стекнале бугарски пасоши во рамките на аферата за незаконско издавање патни исправи ќе можат да ги задржат своите документи, но ќе бидат подложени на казни, пишува Нова Македонија.
Според адвокатот, лицата вклучени во овој случај ќе платат само прекршочна глоба за злоупотребата на процедурата за добивање бугарско државјанство.
Менкиноски, кој е застапник за неколку македонски здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, објасни дека се работи за афера поврзана со фиктивната регистрација на македонски државјани во Бугарија. Првичната истрага открила дека Живко Чукарски, поранешен градоначалник на селото Рилци, бил клучна фигура во овие активности. Тој изготвил и заверил 246 потврди за постојана адреса на живеење за Македонци кои не биле физички присутни во селото.
Признанието на Чукарски и договорот што го потпишал со бугарските власти не ја исклучуваат неговата одговорност за незаконските постапки. Според истрагата, во селата Рилци и Бело Поле, регистрирани биле десетици илјади македонски државјани со фиктивни адреси. Постојат индиции дека биле ангажирани и посредници кои помагале во изготвувањето на овие документи. Иако некои фиктивни регистрации се откажани, проблемот со лажните адреси продолжува да биде актуелен.