Голем број македонски граѓани ги искористија велигденските празници за краток одмор на море, а прв избор – како и секогаш – беше блискиот Халкидики. Според снимките објавени од туристичката агенција „Никана“, атмосферата на грчките плажи е веќе вистински летна, иако водата во овој период е сè уште студена, особено во споредба со јужните делови на Грција, како Крит.
Сепак, тоа не ги спречува туристите да влезат во морето и да уживаат во првото пливање оваа година. Сонцето топли, времето е пријатно, а плажите – мирни и без гужви.
Според агенциите, почетокот на туристичката сезона се поместува сè порано, па веќе од мај месец луѓето сѐ почесто заминуваат на предсезонски одмор. Уживањето на море без метеж, со чисти плажи и тивки вечери, е вистински луксуз.
Полихроно, Калитеа, Геракини и другите познати места на првиот и вториот крак веќе се будат од зимскиот сон, а првите туристи го впиваат мирисот на море, сонце и сол – токму она што ни недостига по долга зима.
Ако сѐ уште не сте го испланирале својот одмор, мај и јуни се одлична можност за релаксација пред врвот на сезоната.