Марјановиќ: Пациентите мислат дека треба постојано да прават скенови, враќањето на довербата во Онкологија е долг процес

Ана Марјановиќ од Хемаонко, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборуваше за последиците од скандалот во онкологијата и тешкото враќање на довербата кај пациентите.

„Изгубената доверба е нешто што најтешко се враќа. Пациентите беа излезени од доверба кога се објавија информации дека дел добивале, дел не добивале терапија. Денес системот нуди надеж, но пациентите сè уште бараат дополнителни испитувања поради недоверба“, рече Марјановиќ.

Таа објасни дека клиниката за онкологија следи европски протоколи, но тие не се официјално признаени од државата, што го успорува процесот на обновување на довербата: „Пациентите мислат дека треба постојано да прават скенови и тумор маркери, но реалноста е дека во светот, по завршување на болеста, не се вршат толку често. Кај нас ова се прави поради недоверба во системот.“

Марјановиќ заклучи дека проблемот не е само во онкологијата, туку е дел од генералната недоверба на македонското население во здравствениот систем, и дека за враќање на довербата ќе биде потребно време и стабилни, официјални протоколи.