Македонија

Марковска: Средбата со мајките на загинатите војници длабоко ми остана во сеќавањето

Марковска: Средбата со мајките на загинатите војници длабоко ми остана во сеќавањето

За Ѓулистана Марковска, еден од најтешките и најемотивните моменти од периодот на осамостојувањето била средбата со мајките на загинатите војници, кои протестирале пред Собранието барајќи одговори и средби со надлежните.

Пратеничката од првиот парламентарен состав во специјалното студио на 4ТВ раскажа дека токму таа средба оставила длабока трага врз неа, особено поради тоа што во истиот период и нејзиното семејство било директно засегнато од воените случувања во поранешна Југославија.

Марковска откри дека нејзиниот брат бил меѓу офицерите кои биле заробени во текот на настаните во Вуковар и Осиек.

„Мојот брат беше меѓу офицерите коишто беа заробени од МУП-овците во Вуковар, односно во Осиек. Таму се случуваа страшни работи“, раскажа Марковска.

Во тој период, пред Собранието се одржувале големи протести на мајки кои ги барале своите деца и барале средба со македонските власти.

Марковска била дел од средбата со нив, која, како што вели, никогаш нема да ја заборави.

„Тоа беа мајки коишто ги изгубиле своите деца. Поболно тоа нема“, посочи таа.

Нејзиното лично семејно искуство дополнително ја засилило тежината на моментот. Додека пред Собранието мајките стравувале за судбината на своите синови, во нејзиниот дом татко ѝ живеел со неизвесноста дали неговиот син ќе се врати.

„Дома го имав мојот татко којшто велеше: ‘Твојот брат, не знаеме дали ќе се врати или не’“, се присети Марковска.

Таа оцени дека токму ваквите човечки приказни најсилно покажуваат низ какви тешки околности се одвивале првите години од независноста и распадот на поранешната држава.

Марковска во разговорот се осврна и на активностите што тогаш ги преземало државното раководство во обид да се справи со состојбата и со последиците од воените случувања во регионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни