Македонија

Марковски за трагедијата во Кочани: Почувствував голем револт, алчноста почна да гази по животите на нашите деца!

Марковски за трагедијата во Кочани: Почувствував голем револт, алчноста почна да гази по животите на нашите деца!

Голем револт, длабоко разочарување и сериозен аларм за итна општествена трезвеност – вака професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, ја коментира страшната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица. Во своето гостување во „Ноќно студио“ на „4ТВ“, тој остро удри по системските импровизации и алчноста кои резултираа со незапаметена катастрофа.

Како член на тимот кој во моментов врши вештачење на местото на несреќата, професорот истакна дека е ограничен во изнесувањето на детални инженерски наоди, но испрати моќна порака до целата јавност и до надлежните институции.

Марковски не ја криеше згрозеноста од фактот што на сопствениците и на институциите им било дозволено да натрупаат огромен број млади луѓе во простор кој воопшто не ги исполнувал безбедносните норми.

„Почувствував револт, почувствував огромно разочарување за оваа голема трагедија затоа што кога ќе го погледнете објектот, гледате дека се работи за една тешка импровизација. Мојот револт беше навистина голем, а и сè уште е, затоа што алчноста е таа која почна да гази и по нашите животи, и по животите на нашите деца. Алчноста направи да се сметне сè на ум, а одговорноста и стравот целосно исчезнаа. Не знам како исчезна стравот кај луѓето. Како не се помислува на можните последици – и тоа не зборувам само за законските казнени последици, туку за грижата на совест“, вели Марковски.

Потенцирајќи го човечкиот аспект на оваа катастрофа, професорот нагласи дека за вакви пропусти казната не треба да се мери само со затворски денови, туку со моралната тежина што виновниците ќе ја носат до крајот на животот.

„Да носите на совест шеесет и два-три млади животи… Има ли поголема казна од тоа? За ова не би требало ни затвор да те ставаат, самата помисла е страшна. Но, ајде сега да се обидеме да направиме нешто за вакви работи да не се повторуваат. Тоа ќе биде најголемата поука. Мораме постојано да го држиме вклучен алармот за да избегнеме повторна појава на некоја ваква или слична трагедија“, дециден е професорот.

Користејќи го овој црн повод, Марковски предупреди дека дискотеката во Кочани не е изолиран случај, туку рефлексија на поширока негрижа во градежниот и урбанистичкиот сектор во Македонија.

„Мора да признаеме дека многу јавни објекти кај нас се целосно недоречени во однос на противпожарната заштита и други безбедносни аспекти, а да не зборувам воопшто за станбените објекти. Како општество, ова мораше добро да нè освести и сите во својот домен да преземеме мерки за да ги корегираме работите. Не смееме да функционираме така што ќе трчаме по продавници да купуваме противпожарни апарати само една недела по трагедијата, а потоа пак да станеме имуни и сè да се врати по старо“, порачува Марковски.

На крајот од своето излагање, професорот изрази длабоко сочувство до семејствата и родителите на настраданите во Кочани, нагласувајќи дека нивната болка и состојба е нешто што никој од страна не може во целост да го сфати.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни