Проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години и имаме огромна можност да ги придвижиме работите напред. За прв пат по десет години постои реална перспектива дека во текот на овој мандат можеме да донесеме една, две или три земји до целта, рече Марта Кос, еврокомесар за проширување на денешната размена на мислења со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
Во првата дебата со Марта Кос откако таа ја презеде функцијата комесар за проширување на 1 декември 2024 година, членовите на АФЕТ ја оценија состојбата во десетте земји од проширувањето и нивниот напредок во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.
Во своето воведно обраќање, Кос изјави дека, и покрај динамиката на проширувањето, процесот останал заснован на заслуги.
„Нема да има геополитички попуст, проширувањето останува процес заснован на заслуги“, нагласи Марта Кос.
Таа најави и дека наскоро ќе ги посети Црна Гора, Молдавија и Албанија.
Владеењето на правото и темелните вредности се темелите на политиката на проширување
Според Кос, проширувањето е проект на цело општество, не се работи само за Парламент и Влада.
„Гледаме свет каде големината и моќта се користат како уцена и свет во кој многумина би сакале да видат дека Европа пропаѓа и каде што инвестираат значителни извори за да го постигнат тоа. Ситуацијата во Грузија и енергетската уцена во Молдавија се остар потсетник на предизвиците со кои се соочивме… Мирот, слободата и просперитетот на нашиот континент зависат од силата на единството и големината на ЕУ“, тврди Кос.
Таа повтори дека владеењето на правото и основните вредности ќе продолжат да бидат камен-темелници на политиката за проширување на ЕУ.
Според неа, за време на актуелното полско претседавање со Советот на ЕУ, постои можност да се отворат еден или два кластери со Украина и Молдавија, како и да се постигне напредок во неколку поглавја и кластери со Западен Балкан.
„Доколку земјите кандидати се држат до реформите за напредок, за време на полското претседателство можеме да видиме поголем напредок отколку во последните десет години“, забележа Кос.
Најава за посета на Црна Гора
Зборувајќи за аспирациите на земјите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ, комесарката за проширување најави дека до крајот на неделата ќе ја посети Црна Гора.
„Го започнавме мандатот со отворање на еден кластер со Албанија и со затворање на три поглавја со Црна Гора… Ќе одам во Црна Гора оваа недела да го прославам нивното достигнување и да поттикнам понатамошен напредок за време на полското претседателство“, најави таа.
Кос додаде дека за време на посетата ќе оди и во Цетиње, за да им оддаде почит на жртвите од трагичниот масакр што се случи на 1 јануари.
Според Кос, целите поставени од Црна Гора и Албанија да ги затворат сите поглавја во процесот на пристапување во ЕУ до крајот на 2026 и 2027 година, соодветно, се „многу амбициозни“, но можат да се постигнат.
„Повикот на единство ќе биде мојата клучна порака за време на патувањето во Црна Гора… Владите и парламентите сами не можат да ја завршат целата работа, проширувањето треба да биде национален проект“, забележа таа.
„Србија мора да исполни одредени критериуми за отворање на Кластерот 3“
Кос додаде дека ќе ги посети Албанија и Молдавија во февруари и потсети дека на првиот ден од нејзиниот мандат отпатувала во Украина со високата претставничка на ЕУ Каја Калас и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.
„Отидовме во Киев за да и покажеме поддршка на нацијата која се спротивставува на руската целосна војна. Луѓето во Украина можат да сметаат на ЕУ дека ќе ги подготви за членство во ЕУ додека ги спроведуваат неопходните политички, институционални, социјални и економски реформи. “, подвлече таа.
Осврнувајќи се на патот на Србија кон ЕУ, Марта Кос потсети дека не е можно да се отвори Кластер 3 во декември 2024 година.
„Србија треба да исполни одредени критериуми за отворање на Кластерот 3… Сега го следиме нон-пејперот – што ветија дека ќе го испорачаат“, појасни таа.
На сличен начин, таа истакна дека Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување во ЕУ.
Според Марта Кос, „оние кои ги спроведуваат потребните реформи треба да ги искористат придобивките од нивните напори“.
„Молдавија направи многу, и ѝ треба нашата помош повеќе од кога било… Од друга страна, ситуацијата во Грузија е остар потсетник дека може да се случи назадување… Акциите на властите против мирните демонстранти се целосно неприфатливи“, забележа Кос. додавајќи дека безвизниот режим со земјата може делумно да биде суспендиран.
