Германската автомобилска индустрија, некогаш гордост на земјата и симбол на технолошка извонредност, се соочува со една од најголемите кризи во својата историја.
Глобалните економски притисоци, забрзаната транзиција кон електрични возила, растечките трошоци за енергија и сè построгите еколошки прописи ги ставија традиционалните производители како што се Фолксваген, Мерцедес и БМВ во тешка позиција.
Кризата не само што влијае на производството на автомобили, туку ја потресува целата германска економија, работните места и индустриската иднина на земјата. Во земја каде што живеат и работат голем број македонски граѓани, најновиот удар дојде од Мале, еден од најголемите светски производители на автоделови, со седиште во Штутгарт. Компанијата планира да намали околу 1.000 работни места, првенствено во администрацијата и истражувањето и развојот.
- Моравме да ги прилагодиме нашите планови и да направиме чекор што не го планиравме, но кој е неопходен. Ќе ги намалиме капацитетите во непроизводствените сектори – администрацијата, но и развојот – изјави Арнд Франц, извршен директор на компанијата, за „Штутгартер Цајтунг“.
Најголемиот број отпуштања е планиран во Штутгарт, каде што има седиште на Мале. Целта на компанијата е да заштеди дополнителни 150 милиони евра годишно од следната година, од кои две третини ќе дојдат од намалување на трошоците за вработените.
Франц рече дека отпуштањата ќе се спроведуваат преку отпремнини и програми за предвремено пензионирање каде што е можно, додека причините за заштедите се падот на побарувачката во автомобилската индустрија, постепеното исклучување на моторите со внатрешно согорување, американските царини и силната конкуренција од Кина.
Мале веќе отпушти околу 600 работници во Германија во јули како одговор на падот на приходите. На крајот од минатата година, компанијата вработуваше околу 10.000 луѓе во земјата и повеќе од 67.000 низ целиот свет.
Иако Мале сè уште го генерира поголемиот дел од своите приходи од компоненти за мотори со внатрешно согорување, компанијата сè повеќе инвестира во развој на делови за електрични возила и алтернативни погони, обидувајќи се да биде во чекор со промените на пазарот, објавува „Феникс магазин“.