Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој во вториот круг влегува како претставник на владејачката коалиција, доби поддршка од новоизбраниот градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, но и од кандидатот на коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу.
„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје – поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред,“ објави Ѓорѓиевски.
Тој се заблагодари на сите кои ја препознале неговата визија и му ја дале довербата во првиот круг од изборите, истакнувајќи дека борбата за подобро и помодерно Скопје продолжува.
„Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“, порача Ѓорѓиевски.