Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, ја започна својата официјална посета на Турција со средба со министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени, Мурат Курум. Двајцата министри разговараа за можностите за продлабочување на билатералната соработка во справувањето со еколошките предизвици, при што Меџити посочи дека турскиот модел за борба против аерозагадувањето е успешен и може да биде искористен и во Северна Македонија.
На средбата беше договорено потпишување меѓудржавен меморандум за соработка, кој ќе овозможи размена на искуства и тесна соработка во управувањето со индустрискиот, рударскиот, опасниот и медицинскиот отпад. Дополнително, фокусот ќе биде ставен на управувањето со отпадните води, воведување технологии за нивен третман и рециклирање, како и мониторинг на капацитетите за преработка на отпадните води.
Меџити и Курум разговараа и за можности за имплементација на најдобрите техники за спречување на индустриското загадување, унапредување на квалитетот на воздухот, мерки за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и борба против климатските промени.
Двете страни се согласија на соработка во управувањето со хемикалии, детекција и санација на контаминирани подрачја, развој на географски информациски системи за животната средина, како и заштита на природата и биодиверзитетот во заштитените подрачја. Во таа насока, ќе се планираат и еко-туристички активности во заштитените области.
За да се постигнат овие цели, министерствата ќе воспостават програми за научни посети, размена на експерти и споделување на научни и технички информации. Развојот на заеднички проекти ќе се реализира во рамките на меѓународните договори и достапните финансиски средства.
Во рамките на официјалната посета, Меџити ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан. Заедно со премиерот Христијан Мицковски, ќе присуствува и на државна вечера приредена од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.