Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ утрово на друштвените мрежи објави статус со приложена фотографија од пресуда во која пишува дека веб порталот Нова и Џабир Дерала се осудени дека изнеле невистинити факти за Христијан Мицкоски.
„Дополнително медиумот на Џабир Дерала и тој самиот е осуден за клевета за лагата првично пласирана од кујните на СДСМ и ДУИ дека наводно сум изградил куќа во Козле. Ниту сум изградил, ниту имам куќа надвор од имотот кој веќе го поседувам. Народот треба да биде свесен дека ваквите лаги се силно потхранувани и ширени и од инсталациите на власта во дел од една лажна опозиција која е на услуга на власта, и тоа лесно се препознава. Тие повеќе зборуваат за ВМРО-ДПМНЕ отколку за суштината и лошото владеење“, пишува Мицкоски.
Тој додава дека со години бил предмет на најцрната кампања на власта, „која треба да ја засени вистината која ја збориме за тешкиот живот“.
„Но количеството на криминал, неправди и тежок живот е толку голем, што ниту една лага не е погласна од тоа. Така и мојот мотив да ги поразиме е дотолку поголем, затоа што Македонија се губи, а ние немаме втора татковина. Промените доаѓаат!“, додава Мицкоски.

Џабир Дерала неодамна го презеде порталот Нова ТВ од бизнисменот Владимир Стајиќ, газдата на „Супертрејд“.