Командирот кој ја предводеше полициската станица во Кочани во моментот на избувнување на пожарот во дискотеката „Пулс“, а кој подоцна беше разрешен од функцијата, е меѓу седумтемина полициски функционери приведени во рамките на проширената истрага за трагичниот настан.
Како што рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, издадена била наредба за приведување на уште седум полициски началници. Тие треба да бидат изведени пред судија во текот на денот.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за сега официјално информираат дека „во рамки на предистражна постапка, Министерството за внатрешни работи спроведува активности на терен поврзани со обезбедување полициски службеници“. Воедно, МВР веќе доставило кривична пријава до Обвинителството, кое најавува повеќе детали во текот на денешниот ден.