Не е важен само денот на изборите, туку и сите процеси кои се одвиваат пред и по нивното одржување – изјави денеска Матео Мекачи, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, нагласувајќи дека нивните набљудувачи внимателно ги следат сите аспекти поврзани со изборите во земјата.
Мекачи објасни дека Мисијата брои околу 250 меѓународни набљудувачи распоредени низ целата територија на државата.
„Ние сме овде како меѓународна набљудувачка мисија со цел да го следиме изборниот процес и да процениме дали сè се одвива во согласност со меѓународните стандарди. Ова гласачко место е само едно од многуте што ги набљудуваме низ државата“, изјави Мекачи.
Тој додаде дека активностите на мисијата започнале многу пред изборниот ден, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи кои го следат целиот изборен циклус.
„Во фокусот на нашата работа се регистрацијата на гласачите, текот и финансирањето на изборната кампања, пристапот на кандидатите до медиумите, денот на гласањето, како и пребројувањето на гласовите. Не е важен само изборниот ден, туку и сите процеси што го опкружуваат“, порача Мекачи.