Мемов од ЗНАМ: „Вреди“ го изигра ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и не гласаше за Орце, ова не го забораваме!

Портпаролот на партијата ЗНАМ и актуелен директор на ПИОМ, Никола Мемов, синоќа преку остар став на Фејсбук јавно ја обвини коалицијата Вреди, тврдејќи дека тие не го испочитувале договорот за поддршка во Скопје и не гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

„Вреди го изигра ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и не гласаа за Орце. Ептен голема грешка…“, напиша Мемов.

Тој во својата објава додаде дека ВМРО-ДПMNE е свесна за ова и дека премиерот тоа јавно им го соопштил.

„ВМРО го знае тоа и премиерот јавно им кажа – ние чесно ве поддржавме, плативме огромна цена за таа поддршка и за возврат не побаравме ништо. Само почит. Таа почит не ја добивме. И тоа не го забораваме!“, стои во објавата на Мемов.

Оваа јавна критика од висок функционер на ЗНАМ доаѓа веднаш по завршувањето на вториот круг од локалните избори, во период кога се прават анализи за односите меѓу владините коалициски партнери и како тие ја реализирале меѓусебната поддршка во клучните градови, пред сè во главниот град.