Менди Ќира и Арсим Далипи ќе се борат во вториот круг за градоначалник на Струга

Според првичните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), независниот кандидат Менди Ќира и кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ) Арсим Далипи ќе продолжат во вториот круг на локалните избори во Струга.

Ќира на вечерната прес-конференција им се заблагодари на сите граѓани што излегле да гласаат одговорно, без да подлегнат на провокации, закани или манипулации. „Денес граѓаните на Струга без разлика на етничка, верска или политичка припадност покажаа зрелост, достоинство и вистинска љубов кон местото каде што живеат. Овој процес покажа дека моќта е во рацете на народот. Денес победија слободните граѓани, победи Струга што работи и не се плаши“, изјави Ќира.

Според ДИК, од 83 од 101 преброени избирачки места, Ќира освоил 7.999 гласа, додека Далипи добил 7.315 гласа. Во Единствениот избирачки список на општина Струга се регистрирани вкупно 62.711 гласачи.