Обединетото Кралство „речиси сигурно“ го доживеа најтоплото лето во историјата на мерењата, покажуваат привремените статистички податоци на британската метеоролошка служба Met Office, пишува BBC.
Со помалку од една недела до крајот на сезоната, просечната температура низ целата земја, која ги вклучува и ноќните и дневните вредности, моментално изнесува 16,13 °C. Со тоа е значително надминат претходниот рекорд од 2018 година, кога просекот изнесувал 15,76 °C. Експертите истакнуваат дека температурите до крајот на август би требало да паднат дури четири степени под просекот за да се избегне поставување нов рекорд, што се смета за малку веројатно. Овие податоци се во согласност со доказите дека летата стануваат сè потопли и посуви како последица на климатските промени.
Четири топлотни бранови го обележаа летото
Иако највисоката температура ова лето од 35,8 °C, забележана во Кент на 1 јули, може да изгледа скромно во споредба со рекордните 40,3 °C од јули 2022 година, ова лето се издвојува по долготрајноста и распространетоста на жештините. Критериумите за топлотен бран беа исполнети дури четири пати.
Жештините започнаа рано, уште во јуни за време на летниот солстициум, а продолжија за време на најтоплиот почеток на Вимблдон откако постојат мерења. Третиот топлотен бран донесе највисоки температури во годината за Шкотска, Северна Ирска и Велс, додека четвртиот во август донесе температури до 33,4 °C во делови од Англија.
Суша и покрај локалните бури
Податоците на Met Office покажуваат дека во Обединетото Кралство паднале само 72% од просечната летна количина на врнежи. Особено суви беа централните, источните и јужните делови на Англија, каде се воведени забрани за користење градинарски црева, делумно и поради најсувата пролет во повеќе од 50 години.
Сепак, времето не беше целосно стабилно. Силни поројни дождови и грмотевични бури предизвикаа поплави на одредени подрачја во јули, а почетокот на август го одбележа необично силната бура Флорис, која донесе ветрови посилни од 130 км/ч и предизвика нарушувања, особено во Шкотска.
Улогата на климатските промени
На ова топло лето придонесоа неколку фактори, вклучувајќи долготрајно присуство на висок воздушен притисок, суво тло што побрзо се загрева и морски топлотен бран кој ја подигна температурата на морето и до 3 °C над нормалата. Сепак, научниците се јасни дека климатските промени ги прават летата потопли и посуви.
Девет од последните десет лета (2016 – 2025) имале температури над долгорочниот просек. Бројот на денови со температури над 30 °C се утроил во последната деценија во споредба со периодот од 1961 до 1990 година. Оваа година жештината ќе го исфрли летото 1976 од петте најтопли во историјата, што значи дека сите пет најтопли лета ќе бидат забележани по 2000 година. Целосните статистички податоци се очекуваат на 1 септември.