Празни контејнери на булеварите и пред домаќинствата, багери кои го чистат коритото на реката Вардар и чисти тесни сокаци во чаршијата – ова е сликата од Скопје на третиот ден од најавената 72-часовна акција за чистење на градот.
Депониите кои беа честа слика во главниот град ги нема. Како дел од акцијата се вршеше и сечење на жалните врби покрај кејот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изрази задоволство од досега постигнатото. Тој информираше дека досега се собрани над 4.500 тони смет, а комуналните инспектори веќе изрекле и казни на несовесни граѓани и на правни лица. Градскиот татко порача дека ова е „само почеток“.
Покрај сметот, „чистка“ и во јавните претпријатија
Паралелно со акцијата на терен, Ѓорѓиевски најави и сериозни промени во функционирањето на градските служби. Тој откри дека бројката на лица кои се отстранети од работа, бидејќи зеле плата, а не одговориле на обврските, надминала 400.
Градоначалникот најави дека ќе гради нов систем и дека повеќе нема да се толерира нефункционалното работење.
Граѓаните љубопитни, но со поделени ставови
Граѓаните љубопитно гледаа како се чисти Вардар и кејот во центарот на градот. Дел од нив се задоволни и сметаат дека сликата на метрополата е видливо сменета.
Сепак, други беа со став дека не требало воопшто да се дозволи Скопје да се остави да биде преполно со отпад.
Акцијата за чистење се случува во време кога Скопје е домаќин на петтиот Социо-еколошки форум, каде експерти од Европа дискутираат за обезбедување на праведен јавен простор, грижа за зеленилото, урбаната опрема и јавниот градски превоз.
Акцијата за чистење на Скопје за 72 часа, која почна во четвртокот, беше едно од најголемите ветувања на Ѓорѓиевски во изборната кампања.