Мециновиќ прифати дуел со Ѓорѓиевски на Канал 5

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, кој обезбеди пласман во вториот круг од локалните избори, најави дека ќе учествува на телевизиска дебата со својот противкандидат Орце Ѓорѓиевски во вторник на Канал 5. Тој го оцени претстојниот дуел како можност за потенцијална „промена на политичките генерации“ во Македонија.

„Јас и мојот противкандидат во овој круг означуваме потенцијална промена на политичките генерации во Македонија, релативно млад дуел за Скопје“, напиша Мециновиќ на социјалните мрежи.

Според него, дебатата ќе биде клучна за граѓаните да проценат кој од двајцата кандидати нуди вистинска промена и прогресивна визија за главниот град.

„Следниот вторник на дебата ќе може да се заклучи кој претставува нова визија, а кој ја влече деструктивната политика на минатото во иднината“, порача кандидатот на Левица, повикувајќи на уште повеќе дебати до вториот изборен круг.