Адвокатот Марјан Михов, бранител на пазарниот инспектор Емил Митев, денеска пред судот оцени дека обвинението против неговиот клиент претставува правно погрешно и фактички неосновано проширување на кривично-правната одговорност.
- „Ставовите на Обвинителството се темелат на погрешна правна квалификација, непрецизно индивидуализирање на наводните повреди и игнорирање на релевантни околности, меѓу кои и вонредниот режим на работа за време на пандемијата со КОВИД-19,“ рече Михов.
Тој додаде дека не е јасно како дејствија од пред повеќе години можат да се третираат како тешки кривични дела против општата сигурност, ниту како може да се утврди умисла кај Митев за настанатите последици.
Одбраната, истакна Михов, ќе докаже дека обвинението се базира на општи „бланкетни“ норми без конкретна индивидуализација на повредите. Митев, како што рече, во 2012 година не бил инспектор, туку советник за управни работи, присуствувал само двапати во објектот и тоа во придружба на овластени инспектори.
- „Обвинетиот издал налог за надзор на 27.1.2018, 7.10.2018 и 12.11.2021, но Обвинителството занемарува дека од 12.3.2020 до 27.10.2021 важеше забрана за работа на клубови и барови поради КОВИД-19, па контролите не можеле да се спроведат според методологијата,“ посочи Михов.
Тој заклучи дека обвинението не го зема предвид реалниот контекст и правната логика на овластувањата, поради што е правно неодржливо.