Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Александар Милошоски, го критикуваше претседателот Стево Пендаровски, обвинувајќи го за недоследност во ставовите и за изјави кои, според него, ѝ нанесуваат штета на Македонија на меѓународен план.
Милошоски потсети дека Пендаровски во 2020 година категорично одбивал можност за уставни измени во контекст на бугарското вето, тврдејќи дека има точни информации и дека такво барање не било поставено. Сепак, подоцна, според Милошоски, „навел глава“ и станал „главен промотор“ на уставните промени по потписот на тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
„Затоа, проценките на Пендаровски треба да се земаат со голема резерва, бидејќи немаат доследност, а имаат повеќе оговарачка, отколку аналитичка основа,“ нагласи Милошоски.
Осврнувајќи се на последните изјави на Пендаровски за САД и новоизбраниот претседател, Милошоски оцени дека тие може да се сметаат за став на СДСМ или, пак, за слобода на говор. Тој потсети дека изборот на американската влада е право на граѓаните на САД и дека Пендаровски, како близок соработник на „тимот на Сорос“, нема право да го оспорува демократскиот легитимитет на претседателот на САД.
Милошоски истакна дека Македонија и САД имаат стратешко партнерство уште од 2008 година и дека тој однос треба да се одржува и продлабочува, без разлика на промените на власт во двете земји.
„Ако Пендаровски не може или не сака да ѝ помага на Македонија на меѓународен план, барем нека не ѝ одмага, како што правеше кога главни советници му беа Љубомир Фрчкоски, Ана Чупеска и Артан Груби,“ заклучи Милошоски.
Изјавите на Милошоски доаѓаат во период на засилени дипломатски активности на релација Македонија – САД, додека владата настојува да ја зајакне евроатлантската агенда на државата.