Професионализацијата на јавната администрација и воспоставувањето механизми за департизација се меѓу клучните цели на реформите што ги најавува Министерството за јавна администрација. Министерот Горан Минчев вели дека за спроведување на промените постои и политичка волја, а резултатите, според него, веќе почнуваат да се гледаат.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Минчев посочи дека реформата не треба да се гледа како еднократна активност, туку како процес кој континуирано се спроведува и надградува.
„Нема никогаш да прифатам став дека немаме капацитет. Капацитет имаме, а оваа Влада од почетокот на мандатот ја докажува и ја спроведува политичката волја, што веќе ги дава и првите резултати. Реформата во јавната администрација е процес кој постојано се движи“, изјави Минчев.
Тој се осврна и на начинот на кој граѓаните ја доживуваат јавната администрација, посочувајќи дека перцепцијата често се темели на директниот контакт со службениците на шалтерите.
„За граѓаните, перцепцијата за јавната администрација најчесто се сведува само на службениците кои работат на шалтерите. Но, зад процесот на носење закони и крајното креирање на услугата стојат голем број административци кои вложуваат многу труд за граѓаните да добијат подобра услуга“, нагласи министерот.
Како дел од реформскиот процес, Минчев ги посочи законските решенија поврзани со административните службеници, вработените во јавниот сектор и стручното усовршување и едукација на администрацијата. Според него, дел од овие решенија не биле донесени во изминатите години иако претставувале обврска.
Во фокусот на реформите е и ограничувањето на можностите за политички влијанија при вработувањето и именувањето на раководни кадри. Новиот Закон за висока раководна служба, според Министерството, треба да придонесе кон професионализација и воспоставување појасни критериуми за избор на раководители. Од 1 октомври е предвидено да започне неговата имплементација.
Минчев посочи дека напредокот во реформата е препознаен и во рамки на процесот на соработка со Европската комисија. Реформата на јавната администрација е дел и од пошироките обврски поврзани со европските интеграции.
Целта на промените, според ставовите што ги изнесе министерот, е создавање професионална и поефикасна администрација, со јасни правила за вработување и напредување и со подобри услуги за граѓаните.