Македонија

Минчев: Со новиот закон ја департизираме и професионализираме јавната администрација

Минчев: Со новиот закон ја департизираме и професионализираме јавната администрација

Со новиот закон за висока раководна служба се прави еден од најголемите реформски чекори за департизација и професионализација на јавната администрација, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Новото законско решение, кое стапува на сила од 1 октомври, опфаќа околу 100 институции и го уредува начинот и постапката за избор на директори, нивни заменици, како и членови на управни и надзорни одбори.

Законот носи неколку клучни новини во раководењето со јавниот сектор:

  • Построги критериуми и независен избор: Изборот на нови раководители ќе го врши посебна комисија составена од искусни државни службеници. Секоја фаза – од апликацијата и електронските тестови, до финалното интервју – ќе се одвива според нови, строго дефинирани правила.
  • Кратење на управните одбори: Бројот на членови во управните одбори се ограничува на максимум три члена.
  • Крај за долгогодишните „в.д.“ директори: Вршителите на должност (в.д.) ќе можат да имаат само еден мандат од најмногу шест месеци, време потребно за обезбедување континуитет во работата на институцијата. По овој рок, задолжително се распишува јавен оглас за избор и именување на раководител.
  • Предвремено исполнување на реформската агенда: Иако рокот за примена беше до крајот на декември, законот беше донесен кон крајот на јуни, а уредбите и подзаконските акти се веќе усвоени на владина седница.

Минчев потенцираше дека решението е подготвено во транспарентна постапка со учество на невладини организации, експерти, Центарот за управување со промени и со поддршка од Британската амбасада.

Според министерот, целта е до крајот на годината да се пополнат околу 90 проценти од раководните позиции согласно новите правила, што дополнително ќе овозможи и повлекување на предвидените финансиски средства од Европската комисија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни