Минималната плата без промени додека нема договор во ЕСС

Сѐ додека во рамките на Економско-социјалниот совет (ЕСС) не се постигне договор за зголемување на минималната плата, ќе продолжи да важи постојната формула за нејзино пресметување. Владата ќе го поддржи секој договор постигнат меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, било да стане збор за покачување на минималната плата или за промена на формулата, изјави денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

„Синдикатите секогаш се стремат кон зголемување на минималната плата, а еден од главните приоритети на Владата е подобрување на животниот стандард. Остануваме на ставот дека договор мора да се постигне во рамките на ЕСС, каде што постои трипартитен дијалог. Што и да усогласат синдикатите и работодавачите, Владата ќе го испочитува. Сѐ додека нема нов договор, ќе се применува формулата усвоена со потпис од трите страни. Таа формула ќе покаже колкаво ќе биде зголемувањето во март 2026 година“, рече Ристески по повод почетокот на Неделата на претприемништвото.

Тој нагласи дека секоја евентуална промена на постојната формула мора повторно да биде договорена меѓу сите членови на ЕСС.

„Доколку синдикатите и работодавачите оценат дека има потреба од измени, ќе излеземе во пресрет. Но потребно е нивните барања и интереси да бидат усогласени, зашто економијата е чувствителна и секоја одлука има влијание врз стандардот, економскиот раст и БДП. Ниеден договор не смее да биде на штета ниту на работниците, ниту на економијата“, порача Ристески.