Министерство за јавна администрација: Министерот направи лапсус, извинете!

Министерството за јавна администрација вечерва испрати појаснување во врска со изјавата на министерот Горан Минчев дадена во Дневникот на Сител, по која во јавноста се појавија интерпретации дека е најавен нов Закон за употреба на јазиците.

Од Министерството реагираат дека станува збор за техничка грешка во изразувањето, односно лапсус, и дека министерот всушност мислел на Законот за правична застапеност во јавниот сектор, кој е во завршна фаза на подготовка и веќе е испратен на мислење до Венецијанската комисија.

„Не се работи за нов Закон за употреба на јазиците, туку за Законот за правична застапеност кој е испратен на мислење во Венецијанската комисија. Во врска со објавените интерпретации на изјавата на министерот за јавна администрација Горан Минчев, појаснуваме дека во гостувањето на Дневникот на Сител, министерот не мислеше за нов Закон за употреба на јазиците, туку за Законот за правична застапеност во јавниот сектор, кој е во завршна фаза на подготовка и испратен до Венецијанската комисија на мислење. Станува збор за очигледен лапсус, техничка грешка во изразувањето, кој дел од медиумите го пренесоа.

Од Министерството се извинија за грешката и потенцираа дека жалеат за евентуалните недоразбирања што можеле да произлезат од неа.