Министерството сè уште пребројува, точниот број на лекари, сестри и техничари што недостасуваат ќе биде објавен за една недела

Министерството за здравство сè уште пребројува колку точно кадар недостасува во болниците во јавното здравство, за да се добие реална слика како да се респределува медицинскиот кадар.

Министерот за здравство, Азир Алиу, признава дека има сериозен недостаток на здравствени работници во земјава.

Колку вкупно лекари, сестри и техничари фалат низ болниците во Македонија, засега не се знае. Алиу вели дека тие сè уште се пребројуваат, а пресметката ќе биде објавена за една недела.

Министерот Алиу денеска присуствуваше на првиот Саем за медицина, стоматологија и фармација – „Health Innovation Expo 2025“, во организација на Комората на приватното здравство.

На саемот, каде беа презентирани нови помодерни медицински апарати, меѓудругото се говореше и за вештачката интелигенција. Беше заклучено дека таа е алатка за олеснување во медицината и не може да ги замени лекарите, но може значајно да придонесе кон намалување на човечките грешки во медицинскиот третман.