Мислел ќе сокрие: Бизнисмен од Скопје тајно го продал имотот на компанијата пред стечај!

Единица за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против правно лице од Скопје и против сопственикот и поранешното одговорно лице М.С. од Скопје заради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Даночно затајување“ по член 279 и „Оштетување или повластување на доверители“ по член 257 од Кривичниот законик.

Имено, првопријавениот М.С. во периодот од 01.10.2019 до 31.08.2021 година постапил спротивно на член 40 и член 43 од Законот за данок на додадена вредност на начин што во даночните пријави за контролираниот даночен период пресметал и искажал помал даночен долг во износ од 17.645.477,00 денари кој произлегол од неевидентиран остварен промет од продажба на основни средства и од продажба на залихи на материјали во вкупна вредност без ДДВ во износ од 103.969.681,00 денари.

Исто така првопријавениот постапил и спротивно на член 84 и член 92 од Законот за личен доход на начин што даночната контрола на сегашната вредност на основните средства и набавната вредност на залихите на материјали им дал третман на неевидентиран остварен промет од продажба на основни средства и залихи на материјали во вкупна вредност од 121.615.158,00 денари со пресметан ДДВ, и на која сума бил утврден неплатен персонален данок на доход во износ од 13.788.045,00 денари.

Со наведеното неискажување и непресметување на приход и обврски за ДДВ во износ од 17.645.477,00 денари и непресметување и неплаќање на данок на личен доход во висина од 13.788.045,00 денари, пријавениот по двата основи се стекнал со противправна имотна корист во вкупен износ од 31.433.522,00 денари или околу 515.303,00 евра, со која сума предизвикана е штета на Буџетот на Р.С. Македонија.

Воедно, пријавениот од почетокот на 2020 година па се до отворањето на стечајната постапка над сега стечајниот должник, со извршеното неевидентирано отуѓување на основните средства и залихите на материјали во вкупен износ од 103.969.681,00 денари која продажба од даночниот орган е третирана како неевидентиран остварен промет, оневозможил овој имот да биде евидентирано попишан од страна на стечајниот управник и на ваков начин оневозможил овој имот да влезе во стечајната маса на стечајниот должник, а со тоа дирекно придонел за значително оштетување на стечајната маса, со што и оштетување на доверителите во стечајната постапка со пријавени и утврдени побарувања, помеѓу кој и државата преку МФ, УЈП, потоа неколку банки по основ на дадени кредити и повеќе правни лица со утврдени права на побарувања од стечајната маса.