Во продолжението на интервјуто за „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, отворено говореше за најголемиот предизвик на денешницата – иселувањето и демографскиот пад, но и за состојбите што ги затекнале во државните институции по преземањето на власта.
Коментирајќи ги предлозите од социјалните мрежи (како ослободување од данок за фриленсери за да се вратат дома), Митева нагласи дека Владата ги следи сите идеи, но дека реалноста е посложена од еден проект.
„Не верувам дека само една ваква политика би ги вратила младите. Работата, трудот и она најважното – функционален систем, се вистинските причини некој да одлучи да се врати. Нашата цел не е да решаваме проблеми на мали групи, туку да ја направиме Македонија функционално место за живеење. Мораме да ги градиме политиките врз основа на нашето законодавство и реалност“, истакна Митева.
Митева даде детален приказ за тоа како изгледаат владините седници по две години мандат, посочувајќи на шокантни наоди од ревизиите.
„Штетите сè уште се санираат, тие излегуваат секој ден. На 90% од извештаите на Државниот завод за ревизија прашуваме дали се во Обвинителство – одговорот е да, но постапки нема.“, вели Митева.
Според неа, разликата меѓу оваа и претходните влади е во пристапот. „Политичарите во минатото работеа од горе кон долу. Ние почнуваме од темелот за да изградиме нешто што ќе остане.“
И покрај ограничените ресурси, портпаролката се пофали со конкретни бројки кои покажуваат дека државата излегува од стагнација.
„Имаме сериозни инвестиции во инфраструктурата и образованието. Економските индикатори се јасни – по еден долг период, дојдовме до шест квартали со раст на БДП од 3,5%. Тоа е резултат на посветеност во услови на исклучително ограничени ресурси“, потенцираше Митева.
Како еден од клучните столбови на владината програма, Митева ја најави и офанзивата во делот на дигитализацијата, која според неа е директно поврзана со искоренување на бирократијата и корупцијата, со цел да се создаде модерна држава по мерка на граѓаните.