МИТОВСКИ: Не го давам СДСМ, премногу жртвувавме за слободата во 2017 за сега да се откажеме

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во емотивно гостување на 4ТВ, порача дека неговиот пат останува цврсто врзан за Социјалдемократскиот сојуз, потсетувајќи на тешките времиња низ кои поминало членството за да донесе промени во државата. Иако признава дека разочарувањето кај народот е огромно, тој смета дека излезот не е во напуштање на партијата, туку во нејзино суштинско заздравување.

„Влогот за СДСМ е преголем“

Одговарајќи на прашањата за неговата политичка иднина, Митовски децидно ги отфрли опциите за делување надвор од матичната партија. Тој потсети на клучните историски моменти кои ја дефинирале неговата политичка генерација.

Се вчитува...

„Сите ние кои бевме дел од тешките внатрешни процеси – од Шарената револуција до ‘Крвавиот четврток’ – знаеме колку многу дадовме од себе за да дојдеме до слободата во 2017 година. Влогот е преголем за денес лесно да зборуваме за други опции. Мојата цел е што поскоро да го вратиме СДСМ на победничките патеки“, истакна Митовски.

„Се вртиме во круг: Правда на зборови, корупција во реалноста“

Митовски, како претставник на помладата генерација политичари, се соочи со прашањето дали Македонија е заглавена во бескраен циклус на смена на двете најголеми партии без реални резултати. Тој искрено призна дека декларативните заложби за правна држава и борба со корупцијата ги изгубиле своето значење кај народот.

„Таква е констатацијата во јавноста и мораме да ја признаеме. Граѓаните повеќе не веруваат во системот и државата. Зборуваме за правда и вредности само на хартија, но кога треба суштински нешто да преземеме, се чини дека има сè помалку волја и решителност“, вели тој.

Суштински промени наместо празни зборови

Според Митовски, токму овој недостаток на вистинска акција е причината за масовната апстиненција на гласачите. Тој смета дека довербата не се враќа со политички ротации помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку со конкретни чекори кои ќе покажат дека политичарите се спремни да ги реализираат своите ветувања надвор од изборните програми.

„Мојата заложба е СДСМ да не биде само дел од тој круг на смена на властите, туку партија која ќе ја понесе одговорноста за вистинска правна држава“, заклучи градоначалникот на Крива Паланка.