Политичката сцена во државата набрзо би можела да се соочи со предвремени парламентарни избори. Ова е прогнозата на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој во гостувањето на 4ТВ истакна дека Социјалдемократскиот сојуз мора да се издигне како сериозна опција за да ја врати довербата на граѓаните, без оглед на тоа кога би се одржале тие избори.
Воздржаност од внатрепартиски „оган“
Иако во текот на интервјуто беше критичен кон одредени политики на раководството, Митовски во овој дел од емисијата избра дипломатски пристап во однос на внатрешните превирања во СДСМ. Тој нагласи дека има свој изграден став за тоа што се случува внатре во партијата, но дека јавното изнесување на „валканиот веш“ само би му наштетило на партискиот рејтинг.
„Навистина не би сакал да ги коментирам внатрешните случувања. Се воздржувам од тоа за да не предизвикаме дополнителни негативни реакции и штета во јавноста. Она што е клучно е СДСМ повторно да стане сериозна алтернатива во која граѓаните ќе препознаат сигурност“, изјави Митовски во Ноќно студио.
Подготовка за брзи избори
Градоначалникот смета дека најавите за предвремени избори се многу реални и дека партиските структури не смеат да губат време во внатрешни конфликти ако сакаат да бидат конкурентни на изборниот ден.
Според него, приоритет треба да биде градењето политики кои се во интерес на граѓаните, наместо меѓусебните препукувања кои го дефокусираат гласачкото тело.
„Најверојатно многу брзо ќе следат предвремени избори. Нашата обврска е да бидеме подготвени за било кој период кога тие би се случиле“, заклучи Митовски.
