Мицкоски: Докторот Кузмановски имал момент на слабост!

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, имал „момент на слабост“, коментирајќи го видеото кое на 10 октомври се појави на социјалните мрежи. На снимката се гледа како Кузмановски, во домашна атмосфера, меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со алузија на кокаин и разговара со друго лице.

Министерот за здравство Азир Алиу, неколку часа по објавувањето на видеото, донесе одлука за разрешување на Кузмановски. Алиу посочи дека Лекарската комора го информирала дека на Кузмановски му истекла лиценцата за работа, а на прашањето дали ќе му биде обновена, рече дека тоа е во надлежност на Комората.

„Тоа што се случи, се случи и не треба да се враќаме назад. Ако ја погледнете неговата биографија, ќе видите дека се работи за исклучително образован човек со редок професионален опус на Балканот. Сепак, тој момент на слабост ќе остане дел од неговиот личен живот, а Владата постапи веднаш штом се појави видеото“, изјави Мицкоски по посетата на Клиниката за трауматологија.

Во меѓувреме, министерот Алиу соопшти дека за нов вршител на должност директор на Клиниката за неврологија е именуван д-р Јован Божиновски.

„Формирана е комисија од Министерството за здравство и побаран е инспекциски надзор за работата на д-р Кузмановски. Се проверува преку системот ‘Мој термин’ дали во периодот од 15 март, кога му истекла лиценцата, до 8 август, кога бил именуван за директор, работел со пациенти. Во постапката ќе биде вклучен и Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, изјави Алиу.