Истрагата за опожарувањето на двете дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје продолжува, а надлежните институции работат на утврдување на сите околности околу случајот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата го осудила инцидентот и дека осомничениот сторител е обезбеден. Тој посочи дека во тек е распитот, а одземени се и комуникациските уреди на лицето за да се провери неговата комуникација во изминатиот период.
„Уште трае распитот на сторителот на овој кривично-правен чин. Одземени се и неговите уреди за комуникација, да видиме со кого имал комуникација периодов, да ја видиме содржината на таа комуникација“, изјави Мицкоски.
Во однос на реакциите од бугарските власти, меѓу кои и оценките на претседателката Илијана Јотова дека станува збор за напад врз Бугарија, премиерот порача дека не треба да се избрзува со квалификации додека трае постапката.
„Јас не би избрзувал со какви било квалификации од страна на нашиот источен сосед, но она кое сакам да го кажам е дека најсилно го осудуваме како Влада и во рамки на законските ингеренции што ги имаме ние така и ќе постапиме. Очекувам дека ќе биде расветлено сè она што е во заднина на овој случај“, рече тој.
Основниот кривичен суд Скопје претходно соопшти дека му е определен осумдневен притвор на 44-годишниот скопјанец И.Д.С., осомничен дека во понеделникот ги запалил двете дипломатски возила.
Од полицијата информираа дека за време на распитот, осомничениот го признал извршувањето на кривичното дело.